Регион 04. октомври 2018. / 09:56

Укината состојбата на највисока борбена готовност во Србија

Укината состојбата на највисока борбена готовност во Србија

Српскиот претседател, Александар Вучиќ одлучи денеска да ја укине состојбата на највисока борбена готовност на војската на југот на Србија.

Како што се наведува во соопштението на министерството за одбрана, Вучиќ рано утрово во согласност со овластувањата, доставил до министерот Александар Вулим и началникот на Генералштабот на српската војска, генерал-потполковник, Милан Мојсиловиќ наредба за дезангажман на силите за итно и брзо реагирање.

„Српската војска во соработка со останатите безбедносни структури и во согласност со наредбата на Врховниот командант и понатаму ја следи безбедносната ситуација и е подготвена во секој момент да ја заштити својата земја и нејзините граѓани, без оглед каде живеат“, порача Министерството за одбрана.

Вучиќ кој е и врховен командант на српската војска, нареди војската да се стави во состојба на борбена готовност, кога на 29 септември косовскиот претседател, Хашим Тачи, пристигна на езерото Газивода во сверниот дел на Косово, каде живее српско население, во придружба на припадници на косовските специјални сили РОСУ.