Регион 22. април 2020. / 15:08

Туризмот во Грција ќе се активира само со неопходни контроли за да се заштити јавното здравје

Туризмот во Грција ќе се активира само со неопходни контроли за да се заштити јавното здравје

Државниот министер на Грција Јоргос Герапетритис во интервју за грчката телевизија „Скај“ најави дека од 4 мај и постепено секоја недела по малку, ќе следува отворање на земјата, почнувајќи од трговските продавници, училиштата, а на крај и туризмот.

Герапетритис додава дека целата преодна фаза ќе трае два месеци односно цел мај и цел јуни, а притоа  главен критериум за динамиката на отворањето ќе биде јавното здравје.

Не е дека одеднаш ќе го вклучиме прекинувачот и ќе се најдеме во ситуацијата на која што бевме навикнато, многу работи ќе останат да бидат дел од нашите животи, односно ќе остане соодветната социјално растојание, ќе остане заштитата на ранливите категории, ќе остане избегнувањето на собири и личната хигиена ќе остане. Но, од 4 мај и постепено, секоја седмица, ќе имаме по едно отворање, ќе ги имаме трговските продавници, училиштата, а на крај и туризмот – објасни Герапетритис.

Во однос на туризмот, Герапетритис рече дека заштитата на јавното здравје ќе биде главниот предуслов за почетокот на сезоната и истакна дека Грција е во добра позиција и ќе биде особено популарна дестинација бидејќи конкурентските земји како што се Италија, Шпанија и Турција ќе бидат под силен притисок.

Туризмот ќе се активира само доколку тоа го дозволат околностите, односно под услов да се заштити јавното здравје и доколку постои можност да се прават неопходните контроли за да можеме да го грантираме нивото што го имаме денес. Сакам да потенцирам дека благодарение на направените напори, нашите туристички дестинации останаа незаразени, немаме многу големо ширење на вирусот на нашите туристички дестинации и ова ни создава многу голема одговорност да го задржиме ова ниво – изјави Герапетритис.

Што се однесува до туризмот, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервјуто за грчката телевизија „Антена“ изјави дека тоа е најголемиот проблем, односно бара решение на голем број прашања, а објасни дека од недела во недела или на 15 дена земјата ќе се врати во нормалниот живот.

Полека полека, до крајот на мај, средината на јуни во голема мерка ќе се вратиме во нормала. Најголемиот проблем и најголемата наша грижа во однос на економската активност е туризмот. Постојат многу прашања кои треба да бидат решени пред да стигнеме до отворање на туристичките објекти и прием на туристи, без разлика дали се од земјата или од странство – рече портпаролот на грчката Влада.

За време на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, Пецас изјави дека на 27 април или на почетокот на следната седмица грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис ќе го соопшти комплетниот план и „ќе ги информира Грците за следните чекори и планот за враќање во нормала“.