Туристичката сезона во Турција најверојатно ќе биде одложена до мај, очекува турскиот министер за култура и туризам Нури Ерсој. „Нашата прогноза е дека таа ќе биде одложена до крајот на мај и сегашната состојба го покажува тоа“, рече министерот за турската приватна телевизија СНН-Турк.
Ерсој изрази надеж дека туристичката активност ќе продолжи за време на Рамазан Бајрам, кој паѓа на 23-26 мај. Турција има за цел да пречека 58 милиони туристи во 2020 година, потсети министерот.
Во март, Анкара ги укина сите културни и туристички активности до крајот на април, вклучително и официјалниот почеток на туристичката сезона во земјата, како дел од мерките за борба против коронавирусот. Обично, почетокот на туристичката сезона во Турција е на крајот на март.
Министерот исто така најави дека е подготвен пакет за финансиска поддршка на театрите во земјата чии настапи се откажани поради ширењето на Ковид-19.