Регион 13. април 2020. / 12:34

Туристи со камп возила заглавени во Грција

Туристи со камп возила заглавени во Грција

Во камп во близина на грчкиот град Игуменица се сместени туристи од неколку различни земји кои со нивните камп возила тргнале на патување низ Грција, но ги затекна кризата со Ковид-19 и затворените граници и не можат ниту да се вратат дома, ниту да го продолжат нивното патување.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, која ја објави репортажата, станува збор за 41 турист од различни европски земји меѓу кои и Велика Британија, Чешка и Франција, а од ноември и декември минатата година се во Грција.

Со одлука на одделот за цивилна заштита на периферијата Епир и во рамките на мерките за заштита од корона врусот сите се сместени во приморска област во близина на Игуменица.

Туристите за АНА-МПА велат дека биле во различни делови на регионот Епир и полицијата ги известила дека треба со нивните камп возила да се сместат во конкретниот камп, а додаваат дека се чувствуваат безбедно.

Корона вирусот нѐ зароби овде во кампот, но гледаме дека Грција е безбедна земја. Вашиот премиер брзо ги презеде чекорите што беа потребни. Грците реагираа одговорно, останаа дома. Во нашата земја ситуацијата не е добра – велат Британците Карол и Фил.

Двојка од Чешка коментираат дека работат преку интернет и комбинираат работа и одмор и иако сакаат да се вратат дома, условите не им го дозволуваат тоа.

И шесточлено друштво од Франција сака да се врати во нивната земја, но засега останува во кампот.