Курдските воени и политички лидери и здравствени власти ги обвинија турските сили за употреба на меѓународно забрането оружје во својата офанзива во северниот сириски град Сари Кани и побараа меѓународна истрага, пренесува курдската информативна мрежа „Рудоу“.
Постојат многу стравувања дека се користи забрането оружје во Сари Кани. Раните што ги лекуваме во болниците воопшто не се нормални повреди. Нашиот здравствен одбор во моментот истражува за да открие каков вид на оружје се користи против нас, вели Манал Мохамед, шеф на Здравствениот одбор на Рохава.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, ги негираше овие обвиненија.
Турција нема никакво хемиско оружје во својот арсенал, сите го знаат тоа“, изјави тој за агенцијата „Анадолија“.
Портпаролот на Сириските демократски сили (СДФ), Мустафа Бали, објави дека се сомневаат оти се користи неконвенционално оружје против борците на СДФ во Сари Кани. Тој апелираше за меѓународна истрага, велејќи дека на локалните тимови на терен им недостасува стручно знаење, а странските експерти и групите за хуманитарна помош се повлекле од северна Сирија.
Алдар Калил, член на извршниот одбор на владејачкото движење Демократско општество во Северна Сирија (ТЕВ-ДЕМ), во средата за телевизијата „Стерк“ изјави дека медицинските прегледи ги потврдуваат сомнежите дека Турција користи забрането оружје што содржи фосфор и напалм.
Белиот фосфор најчесто се користи за создавање чад или како запаливо оружје. Неговата употреба е контроверзна и е забранета во области каде што има цивили.