Регион 01. јуни 2018. / 16:09

Турција и ЕУ на средба во Анкара, се преговара за безвизниот режим

Турција и ЕУ на средба во Анкара, се преговара за безвизниот режим

Претставници од Турција и Европската Унија се сретнаа во Анкара да разговараат за визната либерализација за турските државјани која е дел од бегалскиот договор кој го потпишаа двете страни, изјави анонимен дипломатски извор.

Генералниот директор за конзуларни работи на Турција, Мехмет Самсар, и заменик-генералниот директор на Европската комисија, Симон Морду, заеднички ја водеа средбата во четвртокот, пренесе изворот.

На средбата од турската страна присуствуваа министрите за внатрешни работи, правда и европски работи, а воедно се дискутираше за работната агенда која Турција ја испрати во Брисел во февруари.

Во 2016 година, Турција и ЕУ потпишаа договор со цел да ја намалат нерегуларната миграција преку Егејското Море, со тоа што Турција презеде строги мерки за борба против трговијата со луѓе и ги подобри условите за живот на речиси 3 милиони сириски бегалци во Турција.

Една од целите на договорот е да ги забрза преговорите за членство во ЕУ на Турција, како и да им обезбеди на турските граѓани безвизен режим за патување низ Европа, поточно низ шенген-зоната, доколку земјата ги исполни сите 72 барања предодредени од ЕУ.

Европската Унија „се заблагодари“ за повторно отворениот дијалог околу визната либерализација, вели изворот, кој додаде дека ЕУ ги поздравува „позитивните промени“ кон исполнувањето на другите критериуми.

Од Турција веќе подолго време има поплаки дека ЕУ е пребавна кога станува збор за ветените средства и дека Унијата не се држи до својата страна од договорот за безвизниот режим.

Изворот додава дека и Турција и ЕУ се согласуваат да ги продолжат преговорите.