Со масовни протести, тензии, солзавец, фрлање јајца, лепење „апоени“ од 500 евра на полициските штитови и најави за употреба на полициска сила денеска во Софија започна со работа Народното собрание, јавуваат бугарските медиуми. Неколку илјади демонстранти денешните протести ги именуваа како „Велико народно востание“ како одговор на предлогот на премиерот Бојко Борисов за свикување Велико народно собрание на кое ќе требаше да се усвои новиот бугарски Устав. Но, неговиот предлог засега го нема обезбедено потребниот број пратенички гласови.
Пратениците се собраа во новата зграда на парламентот, а пред пратениците се обрати претседателот на државата Румен Радев. Во својот говор тој, меѓу другото, изјави дека политичката криза во земјата не е резултат на потребата од нов устав, туку на криминалот и корупцијата присутни меѓу политичките елити.
Обраќањето на Радев не го следеа пратениците на владејачкиот ГЕРБ, кои ја напуштија салата.
Претставниците на партијата Движење за права и слободи, коалиционен партнер во власта на премиерот Бојко Борисов, пак, од парламентарната говорница побараа оставка од претседателот Радев.
Тензиите во Софија започнаа уште утринава, пред и за време на пристигнувањето на народните избраници во Собранието. Како одминува времето, така расте и напнатоста. Досега медиумите јавуваат за повеќе приведени и повредени како демонстранти, така и полицајци. Дел од демонстрантите се обиделе да превртат полициски комбиња, а некои од нив се качувале и скокале по помалите полициски возила. Солзавец употребиле и демонстрантите и полицијата. Шефот на полицијата повика на мирни протести, зашто во спротивно ќе бидат принудени да употребат и физичка сила.
Бугарските медиуми јавуваат за протести и во други градови во државата.