Косовскиот претседател Хашим Тачи информира денеска дека се сретнал со амбасадорите на Соединетите Американски Држави (САД) во Приштина и Белград, Грег Делави и Кајл Скот, со кои разговарал за дијалогот меѓу Косово и Србија и за постигнувањето конечен договор меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи по средбата напиша на Фејсбук дека е благодарен за постојаната американска поддршка, како и за јасната позиција на Вашингтон дека е неопходно постигнување конечен договор.
– На американските амбасадори им ја повторив готовноста на Република Косово за последната фаза на диајлогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Разговаравме и за неопходноста од постигнување финален договор, кој треба да се заокружи со меѓусебно признавање и зачленување на Косово во ЕУ (Европската унија), НАТО и ООН (Организацијата на обединети нации), напиша косовскиот претседател.
Тој нагласи дека досегашната американска поддршка беше „решавачка во заживувањето на слободата, независноста и државотворноста“ на Косово.
– Никој не смее да ги доведе во прашање улогата и вечното пријателство (на Косово) со САД, напиша Тачи.