Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека Косово нема да се дели и нема да има размена на територии со Србија.
Тој смета дека такво нешто нема да предложи ни претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тачи во интервју за австриски „Стандард“ изјавил дека идејата за „корекција на границите“ сеуште не била тема на разговор во Брисел.
„Поминаа пет или шест години од почетокот на дијалогот со Србија. Сега влеговме во финална фаза на овие разговори. Досега разговаравме само за процесот, а не за деталите. Идејата за корекцијан а границите е моја. Како и идејата за вклучување на Прешевската долина и тоа не беше тема на разговор со претседателот Вучиќ. Но ќе разговараме и за тоа“, рекол Тачи.
Тој наведува дека сака да биде рацинален и дека, и покрај големите несогласувања, продолжувањето на дијалогот е единствена можност, Белград и Приштина заедно да тргнат на патот кон ЕУ.
Косово, според неговите тврдења, ќе го зачувало мултиетничкиот карактер.
„Мора да работиме на тоа да ги решиме анимозитетите кои постојат веќе 200 години. Не смееме да бидеме заложници на границите кои се утврдени во Титова Југославија. Југославија веќе ја нема“, рекол Тачи.
Тој констатирал дека Косово има добри односи со сите соседи – Македонија, Црна Гора и Албанија и дека поради тоа „никој не треба да се чувствува загрозен“ поради можноста за споразум помеѓу Белград и Приштина.