Регион 10. ноември 2019. / 10:06

Тачи не дојде во Охрид: Косово не ја заменува евроатланската перспектива со ниту една регионална иницијатива

Тачи не дојде во Охрид: Косово не ја заменува евроатланската перспектива со ниту една регионална иницијатива

Претседателот на Косово, Хашим Тачи преку Фејсбук објави дека одбил да присуствува на Самитот во Охрид, наведувајќи дека Косово не сака да ја замени својата евроатлантска перспектива со ниту една регионална иницијатива, јави Танјуг.

Тој наведе и дека Србија, на првиот самит на оваа нова регионална иницијатива, „намерно го занемарила Косово”.

Според Тачи, оваа регионална иницијатива е „бесмислена” се додека Србија и Босна и Херцеговина не ја признаат независноста на Косово.

Се залагаме за надминување на сегашните пречки преку дијалог и меѓусебно признавање. Само откако тоа ќе се случи, ќе станеме дел од ваквите регионални иницијативи како еднаква држава – напиша Тачи.

Денеска во Охрид се одржува работен состанок на кој покрај лидерите на Македонија, Србија и Албанија, ќе учествуваат уште и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.

По средбата ќе следи пленарна сесија на лидерите од Западен Балкан со претставници на меѓународни организации и институции, меѓу кои, Европската банка за обнова и развој, Регионалниот совет за соработка, Европската комисија, Светската банка и Европската инвестициона банка.