Косовскиот претседател Хашим Тачи ја прифати поканата од специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, за средба во Вашингтон, заедно со премиерот Авдулах Хоти, со претставници на Белград, со што би се продолжил дијалогот за изнаоѓање решение за споровите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес конференција по добивањето на поканата од Гренел, Тачи рече дека средбата во Белата куќа, која е закажана за 27 јуни и за која веќе го потврди учеството и српската страна, претставува „значаен чекор напред за Косово“.
Косовските институции, по поканата од Трамп и Гренел за продолжување на дијалогот во Белата куќа, одговорија позитивно и го поздравуваат овој решавачки и многу исправен чекор на САД, со целосна верба дека е стасано времето да зачекориме напред како општество, но и за мир во целиот регион на Западен Балкан. Дефинитивно, граѓаните на Косово го заслужуваат прогресот и економскиот развој, рече Тачи.