Регион 01. мај 2019. / 21:33

Тачи: Ако не се реши косовското прашање можни се нови етнички судири

Тачи: Ако не се реши косовското прашање можни се нови етнички судири

Несогласувањето помеѓу западните влади може да го попречи решавањето на спорот меѓу Србија и Косово, смета косовскиот претседател Хашим Тачи.

Тој тврди дека со тоа се создава опасност од враќање на насилните етнички судири на Балканот.

Тачи во интервју за Фајненшал тајмс во Берлин оцени и дека Европската Унија е премногу слаба, интерно поделена и загрижена поради напредувањето на популистите на претстојните избори за Европскиот парламент за да има стратегиски пристап кон проблемот меѓу Белград и Приштина.

Тачи оцени и дека вешто координираната американско-европска дипломатија која минатата година допринела во решавањето на спорот меѓу Атина и Скопје околу името, не постоела во случајот на Белград и Приштина.

– Без учество и водечка улога на САД, скептичен сум дека некој од ЕУ може да направи многу. Улогата на САД е решавачка за решението. – кажа Тачи.

Тој кажа и дека целта на Приштина е заемно признавање за патот кон ЕУ да биде отворен за двете страни.

– Но нема компромис околу косовската независност. Во спротивно, ќе бидеме заглавени во замрзнат конфликт со тешки последици по иднината и можност за конфликт меѓу Србија и Косово. – наведе тој.

Истакнувајќи дека ги цени напорите на германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, додава: „Не само јас, туку сите ние од регионот сме разочарани од состанокот во Берлин. Немаше ништо конкретно, само празни говори“.

Косовските лидери, како што оценува ФТ, се фрустрирани од Европската Унија поради одложувањето на визната либерализација, а се сомневаат дека некои влади, пред сѐ на Франција, не се спремни да им дозволат на некои балкански земји да остварат полно членство во ЕУ.

– ЕУ е навистина слаба и неефикасна. Тие се преокупирани со европските избори и уплашени од можните резултати така што дејствуваат на тактички, политички начин, а не стратегиски. – заклучи косовскиот претседател.