Регион 03. октомври 2018. / 12:40

Свилановиќ: Регионот не е извозник на нестабилност

Свилановиќ: Регионот не е извозник на нестабилност

На овие простори ние не сме извозник на нестабилност кон Европа, но сме транзитна зона, и кога е во прашање шверц на наркотици, на оружје и радикализација. Поради тоа сакаме да придонесеме во вкупната стабилизација и во зголемувањето на нивото на безбедност низ европскиот простор, но со потополно јасна дефиниција дека проблемите не потекнуваат од тука. Имаме сериозна обврска да ги спречиме тие транзитни процеси и поради тоа сакаме да оствариме и подобра национална координација и регионална соработка во оваа област.

Ова денеска го изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка со седиште во Сараево, БиХ. Свилановиќ заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обратија на регионалниот семинар на тема „Превенција/борба против насилен екстремизам“ во организација на Регионалниот совет за соработка и Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот.

Свилановиќ рече дека идејата е да се овозможи координација на национално ниво на различни институции – министерства за внатрешни работи, за правда, Управата за извршување санкции, како и други делови од Владата ангажирани за безбедноста.

– Сакаме да се договориме како на национално ниво да се врши координација, како регионално да соработуваме, рече Свилановиќ, додавајќи дека е многу важно да се работи со локалните заедници.