Регион 14. јануари 2019. / 21:51

Стејт департмент: Спроведувањето на Договорот од Преспа е меѓу клучните приоритети на САД во Грција

Стејт департмент: Спроведувањето на Договорот од Преспа е меѓу клучните приоритети на САД во Грција

Стејт департментот на САД денеска ја објави Интегрираната стратегија на земјата за Грција како сојузник од ЕУ и НАТО, во која Грција се смета за „столб на стабилноста во комплициран регион“. Една од зацртаните цели на мисијата на САД за земјата е „Грција да ја зајакне својата регионална улога како стабилна демократија во тешко соседство, вклучувајќи и целосно спроведување на Договорот за името со Македонија и континуирана соработка за интеграција на Западен Балкан во ЕУ и НАТО“.

Според оваа стратегија, позицијата на Грција во Источен Медитеран е од клучно значење на националните безбедносни и енергетски приоритети на САД.

-Јавната и приватна поддршка што САД ја даваа на Грција во текот на 9-те години економска криза и во неодамнешната мигрантска криза предизвикаа пресврт во антиамеиканизмот што траеше со децении, се вели во документот што го објави весникот „Катимерини“, а во кој се вели дека има можности американската амбасада во Атина натаму да ги култивира односите, особено во областа на безбедноста, инвестициите и трговијата.

Со охрабрување на Грција да ја зголемува својата улога во европскиот енергетски сектор и да почне реформи во образованието, амбасадата во Атина ќе се бори против обидите на глобалните противници да ја експлоатоираат геополитичката важност и структурните слабости на Грција за да го дестабилизираат регионот и да поттикнат антизападно чувство, се вели во извештајот.

Овој извештај е дел од 4-годишна стратегија на амбасадата која ги артикулира приоритетите на Вашингтон за да се развијат заеднички цели меѓу Стејт департментот и другиве владини агенции на САД за програмите во Грција.

Извештајот е резултат на американско-грчкиот стратешки дијалог, што на 13 декември 2018 во Вашингтон го почнаа американскиот државен секретар Мајк Помпео и министерот за надворешни работи на Грција Јорго Катругалос. Како што соопшти тогаш Стејт Департментот, Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Македонија имал централно место во разговорите.

-САД ја поздравија лидерската улога и визијата на Грција за промоција на регионалната соработка, меѓу другото и за постигнувањето на Преспанскиот договор со Скопје и работата за негова имплементација, стоеше тогаш во соопштението.