Регион 09. октомври 2019. / 09:33

Српските партии на разговори за изборните услови со посредство на Европскиот Парламент

Српските партии на разговори за изборните услови со посредство на Европскиот Парламент

Денеска во Парламентот на Србија ќе се одржи првата средба каде претставниците на власта и опозицијата, со посредство на Европскиот Парламент, ќе разговараат за изборните услови.

Претседателот на Одборот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, изјави дека партиите ќе треба да постигнат консензус за чекорите што сакаат да ги преземат со цел подобрување на работата во Парламентот и условите за одржување избори.

Изразувајќи надеж дека политичките актери „итно ќе најдат заедничко решение за надминување на сегашната состојба“, Мекалистер посочи дека бојкотите „тешко се квалификуваат како одржливо демократско решение“.

Нашиот предлог е да го олесниме процесот на меѓупартиски дијалог, партиите ќе мора да постигнат консензус за чекорите што сакаат да ги преземат за да се подобрат условите за работа во Парламентот и за одржување парламентарни избори – рече Мекалистер.

Партиите од владејачката коалиција најавија дека ќе учествуваат во разговорите во српскиот Парламент, додека пратеникот на Српската радикална партија (СРС) Војислав Шешељ побара состанокот со поранешните европратеници да се откаже, оценувајќи дека со нивното доаѓање се понижува највисокото законодавно тело и оти Парламентот сам треба да ги решава своите проблеми.