Српските цариници на 5 август 2018 година на граничниот премин „Батровци“ кон Хрватска, во соработка со полицијата, за време на редовна контрола на влез во Србија запленија околу 600 грама златен накит, јавува Anadolu Agency (AA).
Златото се обидел да го прокриумчари македонски државјанин, во автомобил „форд фокус“ со италијански регистарски таблички.
„За време на средбата со цариниците, тој рекол дека нема ништо да пријави и дека поседува само дозволено количество пари. По детален преглед на автомобилот, во наслонот за раце, меѓу предните седишта се пронајдени 27 предмети од злато“, соопшти денеска Управата за царина на Република Србија.
Како што се наведува во соопштението, меѓу другото, во наслонот е пронајден и златен женски колан, неколку ѓердани и ланчиња, нараквици, брошеви, обетки, различни прстени и еден дукат.