Група од околу 350 лекари во Србија, собрани под името „Обединети против Ковид“, во отворено писмо до Владата и други надлежни институции се оградуваат од републичкиот Кризен штаб за борба против Ковид-19 и бараат негова смена. Како причина за таквиот потег, лекарите ја наведуваат оценката дека Србија се наоѓа во „јавно-здравствена катастрофа“.
Како што јави телевизијата „Н1“, лекарите кои го потпишале отвореното писмо бараат да се формира нов Кризен штаб, да се испитаат обвинувањата за прикривање на податоците и да се запре „заплашувањето и политизацијата кои го нарушуваат личното достоинство на здравствените работници“.
Лекарите во писмото наведуваат дека решиле да се појават во јавност „затоа што не гледаат друго решение за катастрофата на јавното здравство во кое се наоѓа Србија“ поради епидемијата на корона вирусот, како и дека Хипократовата заклетва и општата етика ги обврзуваат на тоа.
Целосното олеснување на рестриктивните мерки во предизборниот период (митинзи, натпревари, турнири, прослави) доведе до губење на контролата врз епидемиолошката состојба и тоа во никој случај не може да се оправда со стручни мотиви – оценуваат лекарите.
Како што наведуваат во отвореното писмо, конфузијата во однос на бројот на болни и починати е предизвикана од несогласување со статистичките и епидемиолошките очекувања, сознанијата од секојдневната работа и контрадикторните изјави во јавноста.
Лекарите истакнуваат дека сето тоа сериозно го нарушило здравствениот систем и ја поткопало довербата и на граѓаните и на здравствените работници и од таа причина тие сакаат да се дистанцираат од републичкиот Кризен штаб за борба против Ковид-19.
Меѓу нивните барања е и на јавноста да и се објасни надлежноста врз базата на податоци и да се организира постапка за сигурно утврдување на бројот на заразени, болни и починати од Ковид-19, како кај граѓаните, така и меѓу здравствените работници.
Потписниците на отвореното писмо бараат и независна истрага дали податоците биле намерно сокривани и утврдување одговорност за тоа.