Потпретседателката на партијата на Вук Јеремиќ, Народната партија (НС), Санда Рашковиќ-Ивиќ, изјави за РТС дека опозицијата бара одложување на изборите со цел условите за фер избори да важат девет месеци пред граѓаните да излезат на гласање.
Таа додаде дека како опозиција бараат и формирање на преодна влада која ќе ги овозможи таквите услови и ќе гарантира спроведување на договореното.
– Бараме договор според кој фер изборните услови би важеле девет месеци од денот на потпишувањето на тој документ. Во преодната влада, секое министерство би било управувано од коминистри. Веруваме дека Србија е во студена граѓанска војна и дека работата само што не експлодирала – изјави Санда Рашковиќ-Ивиќ.
Таа додаде дека претставниците на Сојузот за Србија (СзС) овој предлог неодамна им го пренеле на делегацијата на Европскиот парламент во Белград, која го „примила на знаење“.
– Тие со голема внимание го слушаа ова, не го отфрлија како предлог, не се обврзаа за одредени датуми и не рекоа дека изборите треба да се одржат во март, април или мај. Работата ќе се продолжи во декември – изјави потпреседателката на НС.
Таа посочи дека Небојша Стефановиќ, кој ја предводи работната група на српската влада за подобрување на изборниот процес, бил вмешан во аферата со препродажба на оружје од наменската фабрика Крушик во Ваљево.
– Таков човек е шеф на работната група за фер и чесни избори. Тоа е како на коза да и дадеш да чува зелка. Ние не и веруваме на таа коза – изјави Санда Рашковиќ Ивиќ.
Говорејќи за предлогот на опозицијата за формирање преодна влада, функционерот на владеачката Српска напредна странка (СНС), Владимир Ѓукановиќ, изјави дека преодните влади се формираат само после револуции и кризни ситуации. Тој додаде дека дел од опозицијата е „агресивно малцинство“ кое се обидува да предизвика поделеност во Србија за да го оправда својот предлог за преодна влада.
Ѓукановиќ оцени дека СзС во дијалогот меѓу власта и опозицијата започнал со „неизводливи“ барања за да го оправда прогласениот бојкот на изборите и оцени дека преместувањето на парламентарните избори од пролет на есен ќе биде неуставно.
Претседателот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Чедомир Јовановиќ, истакна дека во Србија постои проблем со дијалогот, но дека изборниот закон не е одговорен за овој проблем, „затоа што не постои закон кој треба да нè превоспита“.
– Ние не сме човечки суштества, ние сме мутанти кои не се подготвени да се погледнат во огледало. Ние сме осудени едни на други. На избори ќе излезам дури и да поминам преу минско поле или, пак, доколку условите не се идеални, затоа што никогаш нема да се жалам за тоа – изјави Јовановиќ.