Регион 30. април 2020. / 08:35

Средношколците во Грција на 11 и 18 мај се враќаат во училиште

Средношколците во Грција на 11 и 18 мај се враќаат во училиште

На 11 и 18 мај, под специјални правила и услови, поделени во групи, грчките средношколци ќе се вратат во училишните клупи, основните училишта и градинките за сега остануваат затворени, со можност, доколку епидемијата оди во надолна линија, да се отворат на 1 јуни.

Државната матура ќе се полага на 15 и 16 јуни, согласно одлуките и планот за образовните институции во Грција, соопштени од министерката за образование и религија Ники Керамеос.

Средните училишта на 11 мај ќе се отворат за матурантите, а една седмица подоцна и за останатите ученици, училишната година ќе биде продолжена до 12 јуни, а новата школска година, на есен, ќе започне порано, веројатно на 1 септември (наместо на 11 септември).

Класовите на средношколците ќе бидат поделени во две групи од најмногу 15 ученици. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.

Меѓу учениците задолжително е да има растојание од еден и пол метар додека пак употребата на заштитна маска е по свој избор како за време на наставата, така и во школските автобуси.

Академската година и семестарот на Универзитетите во Грција ќе заврши со предавања на далечина, за испитите ќе има дополнителна одлука, а од 25 мај ќе има можност да се отворат лабораториите за пракса на студентите.

Во однос на верските објекти, Керамеос објасни дека од 4 мај ќе бидат отворени за индивидуални молитви, а од 17 мај за литургии со присуство на верници.