Регион 14. март 2020. / 13:11

Србија забрани извоз на основните прехранбени производи и средства за дезинфекција

Србија забрани извоз на основните прехранбени производи и средства за дезинфекција

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по состанокот со кризниот штаб за отстранување на ефектите од корона вирусот, изјави дека државата ќе го спречи извозот на основни прехранбени производи во наредните 30 дена, а ќе се суспендира и извозот на средства за дезинфекција.

Граѓаните не треба да се грижат за основните прехранбени производи. Планираме со ова да завршиме за два месеца. Имаме доволно пченица и брашно, немаме проблем со масло и шеќер … Ќе го спречиме извозот на основните прехранбени намирници за најмалку 30 дена – изјави Вучиќ.

Тој додаде дека и производителите на средства за дезинфекција и на тоалетна хартија нема да можат да ги извезуваат своите производи на странски пазари.

Вучиќ оцени дека Србија ја очекувааат тешки времиња кога станува збор за состојбата со корона вирусот, бидејќи сè очекува зголемување на бројот на заразени лица, но исто така истакна дека државата направила голема работа во последните 24 часа за обезбедување целосна контрола и надзор над обезбедувањето на основните прехранбени производи.

Сега сме деветти ден и очекуваме голем раст, многумина од нас ќе ги загубат своите најблиски, а нашата цел е да го намалиме тоа колку што можеме и да обезбедиме животот да победи во Србија – порача Вучиќ.

Државата ќе го замени недостигот на ликвидни средства со кредити од Фондот за развој со еден процент камата, најави Вучиќ.

Имаме 13,5 милијарди евра девизни резерви, пет милијарди повеќе од пред неколку години. Имаме 30,5 тони злато, девет тони во Берн, Швајцарија, така што можеме во секој момент тоа да го наплатиме. Нашата монетарна и фискална стабилност не е доведена во прашање – оцени Вучиќ.

Кога станува збор за компаниите и поединците погодени од корона вирусот, Вучиќ изјави дека државата ќе помогне колку што може.

Дел од оние кои се директно погодени, државата ќе им помогне во исплата на платите … Народната банка нема да печати дополнителни пари – изјави Вучиќ.

Што се однесува до бројот на респиратори, Вучиќ соопшти дека утрово набавил уште 50 и дека набавката не е објавена никаде, додавајќи дека вкупниот број на респиратори од денеска е државна тајна во Србија.