Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија нема сознанија за тоа дека оружје произведено во Србија завршило во Јемен.
„Дозволи за Јемен не се издаваат“, пишува во одговорот до Радио Слободна Европа од Министерството кое е надлежно за издавање дозволи за извоз на оружје.
Прашањето за српското оружје што го користат спротиставените страни во Јемен повторно е актуелизирано откако на „Твитер“ се појави фотографија од борец со ознаки на Хутите со пушка М93 која се произведува во фабриката „Застава“ во Крагуевац. РСЕ наведува дека не може да ја потврди автентичноста на фотографијата.
Destroyed and abandoned vehicles in desert. pic.twitter.com/Zhrg8InmA0
— Yemen Observer (@YemeniObserv) September 2, 2018
Оружје произведено во Србија во изминатите месеци е забележано на фотографии од двете страни вклучени во крвавиот судир во Јемен, држава која е под ембарго од Обединетите нации за увоз на оружје.
На прашањето дали Србија извезува пушки „застава М93“ и во кои држави, Министерството одговорило:
„Србија во текот на 2017 година и во периодот од 1 јануари до 1 септември 2018 година има издадено 13 дозволи за извоз во земјите членки на Европската Унија Чешка и Бугарија како и во Алжир, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија“.
Од таму негативно одговориле на прашањето дали надлежните во Србија може да контролираат каде оди оружјето кое се произведува во Србија.