Српскиот претседател Александар Вучиќ го посети Командниот центар на воената вежба „Словенски штит 2019“, како и руските системи за противвоздушна одбрана (ПВО) инсталирани на аеродромот Батајница. Меѓу нив се и ракетните системи С-400 и Панцир, што Русија за прв пат ги испраќа на некоја воена вежба во странство.
Како што јави дописникот на МИА, за време на обиколката на системите С-400 „триумф“ и Панцир, кои вчера беа пренесени во Србија, Вучиќ изјавил дека тоа е страотно оружје.
– Кога луѓето ќе прашаат дали би ги сакале, ние би сакале во овој момент, единствено ако Русија ни ги остави. Ние поинаку не би можеле да си ги дозволиме – изјавил Вучиќ.
Српскиот претседател истакнал дека тие системи гарантираат безбедност и сигурност.
– Србија драстично ги зајакнува своите воени способности, иако е мала земја – изјавил Вучиќ, додавајќи дека Србија не е доволно силна, но е посилна од тоа што била.
Вучиќ потсетил дека Србија нарачала еден ракетен систем „Панцир“ за кој проценил дека е фантастичен.
– Тој ги таргетира сите летачки објекти, особено беспилотните летала и ракетите. Тој може да види сè на оддалеченост од 80 километри, радарот тешко може да се залаже и имаат разновиден пристап. Нашите луѓе се задоволни, се обучуваат – изјавил Вучиќ.
На територијата на Србија, на подрачјето на аеродромот во Батајница и кај полигонот „Пасуљaнски Ливади“, од вчера се одржува заедничка тактичка воена вежба на ракетните единици за ПВО на вооружените сили на српските и руските вооружени сили „Словенски штит 2019“.
За време на вежбата се користат ракетните системи С-400 „триумф“, артилериско-ракетниот систем „Панцир-С“, радари и друга воена и специјална техника, а се прикажува и ефектот на ракетниот систем на ПВО-Бук со среден дострел, како и ракетните системи С-300ПС со голем дострел и С-300PM2.
За време на вежбата „Словенски штит-2019“ се разработуваат прашања за интеракција и заедничко борбено користење на единиците за воздушна одбрана на Русија и Србија.