Регион 02. април 2020. / 21:40

Србија ги заострува мерките: Целосна забрана за излегување од сабота во 13 до понеделник во 5 часот

Србија ги заострува мерките: Целосна забрана за излегување од сабота во 13 до понеделник во 5 часот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, обкјави дека во кризниот штаб донеле одлука за заострување на мерките во борбата за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.

Вучиќ најави дека од сабота во 13 часот до понеделник во пет часот наутро ќе биде забрането движењето на територија на цела Србија, освен за пензионерите кои ќе можат во недела од четири до седум часот да излезат да купат намирници.

Српскиот претседател најави дека од вечерва ќе стапи на сила уште една нова мерка, со која се забранува повеќе од две лица да престојуваат истовремено на едно исто место, како и дека во периодот од 23 до 1 часот по полноќ ќе може да се прошетаат миленичињата.

Според Вучиќ, во Србија во наредните 74 часа се очекува забрзување на бројот на заболени од вирусот, како и на бројот на починати, имајќи во предвид дека 81 лице се наоѓа на респиратори, додека како жаришта на епидемијата ги означи Белград, Чачак, Чуприја и Ваљево.

Вучиќ кажа дека проценките на стручните лица биле дека од 400.000 српски државјани кои дошле од странство, меѓу 24 до 32.000 лица биле заразени со корона вирусот.

Тој, по денешните разговори со рускиот и францускиот претседател, Владимир Путин и Емануел Макрон, најави помош од лекари и медицинска помош од Русија и помош за сопствено производство на лекот хлорикин од Франција.