Портпаролката на грчката опозициона партија Нова демократија Мариа Спраки истакна дека владата на Кирјакос Мицотакис ќе има контрола врз европскиот пат на Северна Македонија.
Портпаролката и европратеничка, одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на германскиот министер Михаел Рот во однос на Договорот од Преспа, уште еднаш ја повтори позицијата на најголемата грчка опозициска партија дека станува збор за договор штетен за Грција, но и ставот дека доколку биде потребно Нова демократија, како влада, би го искористила правото на вето.
– Нова демократија и господинот Мицотакис веќе јасно ставија на знаење дека имаат секаква можност да го контролираат патот на соседната земја кон ЕУ и имаат секаква можност да го искористат правото на вето, доколку проценат дека има штета за националните интереси. – рече Мариа Спираки.
На брифингот со новинарите Спираки посочи и дека таблите се од мало значење и дека тие означуваат растојание меѓу градовите.
– Очигледно е дека официјалното име на земјата, како што произлегува од Договорот од Преспа, што, потсетувам повторно, беше ратификуван со гласовите на СИРИЗА и на подготвените пратеници, е Северна Македонија. Оттука, секоја дискусија во однос на таблите е од мало значење. Освен тоа, како што добро знаете, таблите го одредуваат километарското растојание меѓу градовите. – рече Спираки.