Регион 30. јуни 2020. / 11:18

Словенија се закани дека ќе ја тргне Хрватска од списокот на безбедни од Ковид-19

Словенија се закани дека ќе ја тргне Хрватска од списокот на безбедни од Ковид-19

Словенечката влада размислува да ја отстрани Хрватска од списокот на безбедни земји од „Ковид-19“, доколку бројот на заразени се искачи на 10 на 100 000 жители.

Како што изјави портпаролот на владата, Јелко Кацин, врз основа на кривата на ширење на корона вирусот во последните две недели, тоа било очекувана одлука.

Во таков случај Хрватска ќе се најде на жолтиот список, што значи дека ќе бидат предупредени на опасност сите Словенци кои се веќе во Хрватска, тие што планираат да одат таму, како и тие што се враќаат од земјата.

Од нив ќе биде побарано да чуваат безбедно растојание додека се во Хрватска и да се јават кај нивниот лекар доколку забележат какви било симптоми на Ковид-19 кога ќе се вратат во Словенија.

Кацин напомена дека Хрватска, во која од неодамна се забележува зголемен број на нови инфекции, реши да ја укине забраната за одење во ноќни клубови, потег кој Словенија не го направи дури ни кога беше прогласен крајот на епидемијата.

Кацин рече дека многу Словенци купиле билети за забава на плажа на островот Паг.

Словенија многу внимателно ја следи ситуацијата. Има и извештаи за одредени проблеми во броењето на нови случаи во Хрватска – изјави Кацин.

Во последните неколку дена има зголемување на бројот на заболени со корона вирус во Хрватска, со што дневните биланси се искачија на неколку десетици заболени на ден, откако пред неколку недели паднаа на едноцифрен број.