Словенечкиот претседател Борут Пахор повика на донесување на стратешки мерки за спречување на негативните демографски трендови, поради кои Словенија се повеќе станува старо општество.
Пахор смета дека мора да се донесат мерки за спречување на овој тренд, имајќи предвид дека животниот век ќе се продолжи, а стапката од 1,62 деца по жена не го достигнува просекот на репродукција во ЕУ.
– Имаме тешкотии со обновување на популацијата. – заклучи Пахор и на советувањето за демографските трендови и стареење на популацијата, на кое присуствувале експерти за тоа прашање.
Јанез Малачич, експерт за демографски прашања, кажа дека имиграцијата е едно од решенијата, па треба да се води политика на доселување на квалификувана работна сила и експерти, но предупрети и дека во модерните општества настанува нов репродуктивен модел, а модерната држава за тоа сеуште нема пронајдено решение како да го надомести премалиот број на новороденчиња.