Регион 04. декември 2019. / 17:00

Словенечкиот претседател порача дека Словенија е наклонета кон БиХ во процесот на проширување на ЕУ

Словенечкиот претседател порача дека Словенија е наклонета кон БиХ во процесот на проширување на ЕУ

Членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Шафик Џаферовиќ и Милорад Додик се сретнаа денеска во Љубљана со словенечкиот претседател Борут Пахор кој истакна дека станува збор за две пријателски земји и дека Словенија е наклонета кон БиХ.

Зборувајќи за евроатлантските интеграции, Пахор рече дека БиХ е клучна земја за ЕУ.

– Ако Европа, поради своите внатрешни проблеми, доцни со проширувањето, тогаш и таа територија ќе задоцни – не само во зачувувањето на мирот, туку и во напредокот – што е желба и на ЕУ и на државите во регионот. Во таа смисла БиХ е клучна – оцени Пахор.

Словенечкиот претседател истакна дека во таа смисла европската политика погрешила во однос на Македонија и не се држела до даденото ветување.

– Направија огромни промени, исполнија сè, ги исполнија очекувањата и не добија зелено светло за преговори – истакна словенечкиот претседател.

Што се однесува на билатералните односи меѓу Словенија и БиХ, Пахор рече дека бројките укажуваат на одлична економска соработка во износ од 1,4 милијарди евра стокова размена и износот расте.

– БиХ е трета дестинација за инвестиции на словенечките фирми во странство, а во таа земја имаме над 100 претпријатија. Ние Словенците имаме доверба во иднината на БиХ. Таму живеат три народи, наша блиска држава и пријателска, и би сакале тие односи уште повеќе да се подобрат. Речиси илјада ученици и студенти од БиХ добиваат стипендии во Словенија. Ме радува што сте дошле сите тројца, бидејќи е можност за продолжување на интензивните политички, економски и човечки односи. Ќе сториме сè во наша моќ за да го зачуваме мирот на овие простори – потенцираше Пахор.