Регион 05. април 2020. / 08:45

Словенечки инфектолог: Со строгите мерки во Европа се спасени 60.000 животи

Словенечки инфектолог: Со строгите мерки во Европа се спасени 60.000 животи

Словенечкиот инфектолог Андреј Трампуж смета дека социјалното дистанцирање и зголемувањето на капацитетот на болниците е единственото нешто што може во овој момент да се направи во борбата против коронавирусот.

Трампуж кој е раководител во инфективна болница во Берлин, смета дека со ригорозните мерки за изолација и подобрување на медицинските капацитети во Европа се спасени 60.000 животи.

Во интервју за словенечкиот весник „Дело“, Трампуж истакна дека потенцијалната вакцина за корона вирусот може да ја очекуваме до крајот на годинава или на почетокот на следната.

Не можеме цела Европа да ја ставиме во карантин, но мора да го намалиме пренесувањето од човек на човек, а ограничувањата ќе мораат да се заоструваат се додека вирусот се шири – изјави Трампуж.

Инфектологот смета дека во Италија веќе се гледа пикот на епидемијата и дека очевидни се показателите дека епидемијата таму се става под контрола.