Министерот за економија на Словенија Здравко Почивалшек истакна дека владата ги разгледува можностите за да ѝ помогне на авиокомпанијата „Адрија ервејз“, која се соочува со финансиска криза, поради која деновиве беа откажани сите линии освен таа од Љубљана за Франкфурт, и објави дека нивните авиони ќе останат на земја во следните неколку дена.
– Државата е спремна да ѝ помогне на Адрија ервејз, но потребно е целосно сопственичко, финансиско и бизнис реструктуирање и во таа смисла ќе побараме решенија. – кажа Почивалшек кој вчера ги прими претставниците на вработените.
Предупредувајќи дека државата нема да ѝ даде пари на Адрија ервејз сѐ додека нејзин сопственик е германскиот фонд 4К Инвест, кој се смета за одговорен за сегашната состојба во компанијата, туку дека треба да се бара финансиски издржлив модел.
– Се нафативме да бараме решенија со сета одговорност и ќе направиме сѐ што можеме да најдеме решенија. – кажа Почивалшек, но предупреди дека условот за какво било решение е Адрија да ја задржи својата воздупшна флота и авионите да ги задржат лиценците на словенечкиот регулатор на цивилниот сообраќај и меѓународното здружение на авиопревозници ИАТА, бидејќи во спротивно нема да има што да се спасува, па ќе следи „она од што сите се плашиме“.
Почивалшек не изнесе детали за можното решение за Адрија ниту одговори на прашањето колку спасувањето на компанијата од стечај би ги чинело „даночните обврзници“, односно буџетот на државата.
Словенечките медиуми наведуваат дека владата како еден од моделите за излегување на Адрија од кризата има во законскиот предлог со кој цивилниот воздушен сообраќај би се организирал како „задолжителна јавна служба“ или би се субвенционирале линии од особен интерес за државата.