Регион 16. октомври 2019. / 09:28

Словенечката полиција во воз пронајде 13 килограми хероин вреден околу 1,3 милиони евра

Словенечката полиција во воз пронајде 13 килограми хероин вреден околу 1,3 милиони евра

Словенечката полиција пронајде повеќе од 13 килограми хероин во меѓународен патнички воз кој патувал од Турција за Австрија, што е меѓу најголемите заплени на дрогата во Словенија годинава.

Според словенечката полиција, дрогата била откриена при проверка на воз на станицата Добово, при влез на возот во Словенија и била во вагон што го користел персоналот на возот.

Криминологот од полициското одделение Ново Место, Франце Божичник, на прес-конференција изјави дека биле пронајдени повеќе од 13 килограми хероин во 25 пакети кои биле скриени во тобра која му припаѓала на 35-годишен српски државјанин.

Еден српски државјанин, кој бил дел од персоналот на возот, е уапсен и задржан во притвор и се соочува со затворска казна од 5 до 15 години ако биде осуден за трговија со дрога. Полицијата се сомнева дека осомничениот е дел од поширок криминален ланец шверцери и дилери на дрога и спроведува понатамошни истраги, при што проценетата вредност на запленетиот хероин е 1,33 милиони евра.