Регион 01. мај 2020. / 11:15

Словенија ги отвора кафеаните: На иста маса само со фамилијата

Словенија ги отвора кафеаните: На иста маса само со фамилијата

Институтот за јавно здравје на Словенија го објави правилникот за начинот на кој ќе можат да работат угостителските објекти, а кој предвидува дека на иста маса ќе можат да седат само членови на исто домаќинство.

Рестораните и кафулињата ќе треба строго да се придржуваат до правилникот кој предвидува дека меѓу масите треба да има раздалеченост од најмалку метар и половина. Гостите нема да смеат да се самопослужуваат, односно да земаат храна од заеднички садови, како оние за салати или пак за леб.

Угостителите се должни да обезбедат дезинфициран прибор за јадење и тој треба да биде однесен до масата на гостите на начин со кој ќе се избегне можна контаминација. Некои препораки се тој да биде и спакуван.

Доколку некој гостин има потреба да влезе внатре во објектот и да оди во тоалет, ќе мора да употребува заштитна маска. Сопствениците, пак, ќе мораа да ги дезинфицираат тоалетите најмалку еднаш на секој час.

Мерката на една маса да седат само членови на исто домаќинство ќе важи се додека е на сила забраната за собирање на јавни површини.

Инаку, Владата дозволи од 4 мај повторно да се отворат рестораните и кафулињата, но само надворешниот дел односно терасите.