Регион 12. March 2019. / 19:45

„Слатките“ и „горчливите“ решенија за косовското прашање

„Слатките“ и „горчливите“ решенија за косовското прашање

Конфликтот кој што постои долго време помеѓу Србија и Косово, не се разреши со војната пред 20 години. Ниту во периодот кој следуваше не се успеа да се создадат ефективни мерки за некаква фузија на двете култури во границите на таа територија. Инкомпатибилноста е се повидлива и двете групи не се откажуваат од гравитирањето околу своите јадра.

пишува: м-р Симона ЈОСИФОВСКА

Последните промени во дневните политички одлуки кај нашите соседи предизвика нова рунда на хомогенизација на групите, посебно кај Албанците. Тие очигледно имаат некаков отпор кон т.н. Бриселскиот споразум, според кој треба да дадат посебни права на Заедницата на српски општини на Косово. Тие исто така ја загреваат ситуацијата и со фамозните царински такси за сите српски и босански производи, а на моменти, па уште блефираат со идеја за размена на територии.

Уште од самиот почеток на преговорите, претставниците на четирите српски општини на Косово, Лепосавиќ, Звечан, Косовска Митровица и Зубин Поток, бараа поголема поддршка од Србија. Тие сакаа поголема одлучност во бранењето на националните интереси и јавно да се застапи ставот дека ќе се употребат сите средства да се заштитат егзистенционалните интереси на Србите на Косово. Тие разговори се водеа уште во 2011 година, а српските власти очигледно застанаа цврсто да го бранат тоа. За поздравување е одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој кажа дека и покрај наметнатите такси, кои што влијаат врз економијата, нема да се откажат од преговорите за постигнување на решение.

Наизглед, после преговорите може да има само две решенија. Едното е зацврстување на Заедницата на српски општини (ЗСО), како ентитет кој ужива посебни привилегии, а другото е размена на територии по етничка линија. Уште пред неколку години во колумна за мкд.мк застанав зад идејата за постоење на ЗСО, а пред некое време застанав против идејата да се разменат територии помеѓу Србија и Косово.

Постоењето на посебен ентитет во рамките на Косово, ќе наликува на сегашниот изглед на БиХ. Затоа Милорад Додик смета дека косовското прашање е огледало на прашањето за Република Српска. А да бидеме реални, БиХ е на дното на Европа, заедно со Косово. Дали ова решение донесе итеграција, може да кажеме – не. Но сепак кога станува збор за нашиот сосед, ова решение е далеку поприфатливо за нас.

Другата солуција е размена на територии. Таа идеја треба да се отфрли уште на самиот старт, имајќи го предвид иредентизмот кој постои. Ова решение дефинитивно ќе предизвика дифузија. Можеби ќе реши еден проблем, но како домино ефект ќе предизвика многу други, во други соседни држави.

Она што се случува кај нашите соседи може да се нарече мартовски процес на вриење, бидејќи истовремено се загревааат неколклу казани. Еден за царинските такси на тврдоглавиот Харадинај, друг е ставен на белградските улици од каде се бара Вучиќ да замине, а третиот го подгрева Додик, кој смета дека помеѓу косовското прашање и прашањето за Република Српска нема разлики. Од овој процес, најверојатно ќе протече нешто, дали горчливо или слатко останува „да дегустираме“.