Регион 18. август 2020. / 21:50

Силно невреме ги зафати Хрватска и Србија

Силно невреме ги зафати Хрватска и Србија

Силно невреме попладнево зафати делови на Хрватска и на Србија, проследено со обилни дождови и со грмотевици.

Делови од Хрватска биле погодени од поројни дождови и врнежи со силни налети на ветер. Невремето прво зафатило дел од северниот Јадран, а потоа и Горски котор и Лика, од каде се проширило кон внатрешноста и истокот на земјата.

Град паѓал во Стариград, а биле регистрирани обилни дождови и на Истра, како и во делови на Далмација. На подрачјето на Дубровник попладнево имало невреме со грмотевици.

Невреме го погоди и западниот дел на Србија и главниот град Белград. Републичкиот ходрометеоролошки завод издаде предупредување за временска непогода и за можност за излевање на реките.

Поради лошото време, има црвен метео- аларм за Војводина, Белград, Западна Србија, Шумадија и Поморавље.