Регион 29. јануари 2019. / 16:28

Што се крие позади политичките тензии меѓу Србија и Косово

Што се крие позади политичките тензии меѓу Србија и Косово

Кога се зборува за нашите северни соседи неизбежно е да се почувствува тензија. Стиснете во категоријата „регион“ и ќе прочитате стотици наслови за цврстите ставови на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и за „инаетот“ на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за таксите од 100 проценти за српските и босанските производи.

пишува: м-р Симона ЈОСИФОВСКА

Во изминатите години континуирано се градеше слика, од страна на антисрпската меѓународна коалиција, составена од разни групи за притисок, медиуми, невладини организации и пратеници, дека Србија е радикална држава, дека таму владее страшен режим, со цел да создадат „жалење“ за граѓаните на Косово.
Од друга страна Албанците на Косово се прикажуваа како „гладни грабливци“.

Спорот нивни е тежок, како и секој друг, кога црвените линии не се поместуваат туку-така.
Но во таква атмосфера на постојано негирање, измами, конфузија и одредена нестабилност, многу е лесно да се инсталира „националната“ игра, која одлично функционира за да не се врши надзор на 9км североисточно од Косовска Митровица.

Таа „национална“ игра одлично ја прифаќаат обичните граѓани, поведени од пристрасноста за акција. Пристрасноста за акција, во суштина, и не секогаш фунционира (само 1/3 статистички), но е добра за да се предизвика тензична атмосфера.

Во принцип, таа игра се одвива вака:

Додека монополизирањето на националното прашање доведува до создавање на комплекс на „вина“ поради наводен недостаток на посветненост кон каузата, другата страна останува непроменета, бидејќи ситуацијата ја превенира понудата на нови идеи. За да се задржи кредибилететот кај електоратот, сите политички страни недвосмислено се однесуваат кон националното прашање, па бидејќи и не знаат да изградат сериозна стратегија за тоа, избираат да поставуваат максималистички барања, етаблирајќи цврсти „режими“.
Кога барањата се максималистички, мала е заинтересираноста на политичките страни за изнаоѓање на други решенија и решавање на други проблеми освен на националните.

Но, непријателот не секогаш е најголема опаснсот. Често се создаваат тензични ситуации, чувство на вина и чувство на страв. А кога има страв, времето „бавно лета“, малку се разговара, а повеќе се очекува да се случи нешто големо, возбудливо, но никој не знае што е тоа. Тука се поставува прашањето кој е психолошки, а кој практично спремен за акција?

Да се поедностави горенапишаното, суштината е дека меѓусебни тензии помеѓу Србија и Косово се создаваат секогаш, додека никој не го гледа економскиот аспект.
Во овие сиромашни општества младите имаат мотив, за чест, за слава, за да се унапредат, а старите гледаат на сопствениот опстанок.

​Транспаренси Интернешнл излезе со ​извештајот за претходната година, и според податоците Косово, како и Србија, и Македонија и Албанија, се наоѓа на дното на Европа. Во овие држави корупцијата е високо застапена, што се коси со сите празни реторики на државните челници, дека се „трудат” да обезбедат добра економска иднина за граѓаните.

Овој период актуелно е, и некој вид на новина, тоа што повеќе високи функционери од САД и од ЕУ, му велат на Харадинај да ги намали таксите за српски и босански производи, барем на претходните 10 проценти. Јавноста ова го толкува дека, наводно, меѓународната заедница му „откажува љубов“ на Косово, па започнува да „флертува“ со Србија. И првично така изгледа, но треба да се има предвид дека САД и ЕУ, не се случајни минувачи, туку активни актери.

Разговарајќи на темата северни соседи, мојот почитуван ментор, ми рече малку да погледнам што се случува со Трепча (тој богатиот рудник на Косово), а јас наидов на едно интересно истражување. Овој голем индустриски комплекс, односно конгломерат од 40 рудници и фабрики, има резерва од ​околу 29 милиони тони руда богата, најмногу, со олово, цинк и сребро, односно грубо земено располага со ​еден милион тон олово, ​670.000 тони цинк и ​2.200 тони сребро. Трепча, по војната во 1999 година, беше окупирана од околу 900 војници на КФОР, со изговор дека не работи согласно „еколошките стандарди“. Откако овој индустриски комплекс е преземен (сега во сопственост на државата Косово) нема точно податоци колку руда е извадена и каде точно завршуваат парите од тие операции (иако имаат сигурни пазари во Швајцарија и во членки на ЕУ).

За претходното да го претвориме во бројки, користев податоци од престижната компанија London Metal Exchange, каде што се креираат цените на металите.

Ситуацијата е следна:
-Цената на оловото, по тон, моментално изнесува 2085 американски долари или 1824 евра.
-Моменталната цена на цинкот, по тон, е 2635 американски долари, односно 2305 евра.
-А цената на среброто, по тројска унца​ (31.21 грам)​, 15,68 долари, односно 13,72 евра.

Пресметајте ги со претходните бројки, па ќе ја добиете реалната слика за значењето на Трепча и зошто странците толку многу се заинтересирани за тој комплекс.

За крај, Србија полека се подготвува за ЕУ, а Косово за признавање независност. Револуционерен пресврт на настаните за скоро таму нема да видиме. Во Србија се крчкаат некои протести, се креираат некои незадоволни маси, од независни граѓани, од интелектуалци, од активисти, а не треба далеку да погледнеме за да направиме паралела на тие случувања со други земји.

Времето кај северните соседи е сеуште ладно, а ние знаеме дека офанзивите се случуваат кога има Сонце.