Словенечкиот премиер Марјан Шарец при вчерашната посета на нуклеарната електроцентрала Кршко изјави дека се залага за изградба на втор блок во таа нуклеарка, за Словенија во иднина да има доволно сопствена енергија.
–Во изградбата на вториот блок мораме да ги вложиме сите напори бидејќи ќе ни треба сe повеќе електрична енергија, особено ако сакаме да бидеме развојно успешна држава – кажа Шарец на средбата со раководството на нуклеарката.
Нуклеарката Кршко, со номинална сила од 696 мегавати, која ја изгради американски Вестингхаус, а почна со работа во 1981, е во заедничка сопственост на Словенија и Хрватска, повеќе пати е модернизирана и во моментов има дозвола за работа до 2043 година.
–Поради настанатите промени во областа на енергетиката, Словенија ќе мора наскоро да ја одлучи насоката за развојот на таа област. Словенија е ‘нуклеарна држава’ бидејќи од нуклеарката добиваме значителен дел од енергијата и нејзиното изостанување многу брзо би го почувствувале – кажа Шарец.
Тој истакна дека Словенија од Кршко добива третина од струјата. Другите две третини, како што кажа, се електрична енергија од хидроцентрали и термоцентрали, од кои најголемата, термоцентралата ТЕШ 3, поради неекономичност и испуштање гасови со ефект на стаклена градина би требало да биде затворена отприлика во исто време кога завршува животниот век на нуклеарната Кршко, односно околу 2043.
За можната изградба на втор блок на нуклеарката Кршко во Словенија се зборува веќе дваесетина години. Имаше прелиминарни разговори со потенцијални снабдувачи со опрема и кредитори, но тие сопреа пред десетина години, за време на финансиската криза, бидејќи нов блок на Кршко, според процените, би чинел 4 до 5 милијарди евра.