Регион 22. јануари 2020. / 11:59

Северните грчки острови во генерален штрајк поради мигрантите

Северните грчки острови во генерален штрајк поради мигрантите

Под слоганот „Ги сакаме назад нашите острови, го сакаме назад нашиот живот“, жителите на грчките острови Лезбос, Хиос и Самос, организираат генерален штрајк и протести на централните плоштади на островите поради ситуацијата со мигрантите.

Според локалните медиуми, граѓаните бараат да се намали бројот на мигранти на островите, да има еднаква поделба на товарот во сите делови од земјата, а барателите на азил да бидат сместени во центри со хумани услови.

Штрајкот е со поддршка на периферијата од северниот дел на Егејското море, како и од градоначалниците, а според најавите, затворени ќе бидат јавните служби, продавниците, рестораните, таверните и кафулињата.

Утре, префектот и градоначалниците на островите ќе пристигнат во Атина за до надлежните министерства да достават резолуција од локалното население.

Според официјалните податоци од грчката влада, заклучно со 20 јануари 2020 на Лезбос има 21 378 бегалци и мигранти, од кои 19 225 се во прифатниот центар Мориа што е со капацитет од 2840 места. На Самос има 7517 лица, а на Хиос 6003 бегалци и мигранти.

Заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, изјави дека станува збор за сериозен општествен проблем, но дека грчката влада продолжува да се обидува да го убеди локалното население дека владиниот план носи плодови.

Пецас ги повтори четири главни оски: чување на границите, забрзување на постапката за азил, зголемување на бројот на враќања во Турција и изградба на затворени центри, а истовремено и празнење на островите и интернационализација на проблемот.

Паралелно се задржа на враќањата мигранти во Турција, односно на оние кои немаат право на азил во Грција, споменувајќи дека минатата седмица започна процесот.

– Кога министерството доаѓа до заклучок дека некои луѓе немаат право на азил, тогаш постапката ја поведува грчката полиција во договор со турскиот претставник и преку Фронтекс, тие се враќаат во Турција, согласно Заедничката декларација ЕУ- Турција. Ова ќе продолжи и во наредните денови и ќе се интензивира со поголем ритам – изјави Пецас.

Тој додаде дека владата, исто така сака да ги убеди жителите на засегнатите острови дека навистина ќе ги затвори постоечките отворени прифатни центри.

– Веруваме дека на крај сите ќе сфатат дека во интерес на Грција, а особено на самите жители од североисточниот дел на Егејското море, за кои и ме прашавте, и во интерес на сите е дека планот ќе оди напред – изјави Пецас.