Потврда за примена вакцина во никој случај нема да стане услов некој да влезе во Грција, потенцираше министерот за туризам на земјата, Харис Теохарис, во гостување во програмата на ТВ Скај.
Поточно, на предложените сертификати за вакцинација, Теохарис јасно стави до знаење дека „вакцинацијата нема да биде услов некој да може да патува“.
„Во никој случај. Патем, би сакал да разјаснам што нашата земја им предложи на другите членки на ЕУ во писмото на Премиерот затоа што имало недоразбирање. Како прво, се чини дека писмото имаше ефект што сакавме да го постигнеме, односно да ја „разнишаме“ Европа за да може конечно да се координира. Координацијата е неопходна и нашата земја е во првите редови во оваа област. Не смееме да направиме чекор назад. Минатата година имавме ограничувања во движењето на туристите. Оваа година мора да има движење на туристи. Првата опција е брз тест, кој е и побезбеден и поевтин и ќе ни овозможи да ги намалиме непријатностите за патниците“, вели Теохарис.
Тој додаде дека друго средство што ќе го оживее туризмот ќе биде вакцинацијата. Секој што е вакциниран ќе може слободно да се движи. Давајќи проценка на состојбата, Теохарис посочува дека 2021 година ќе биде подобра година во секоја смисла.
„Ние сме во состојба со сигурност да кажеме дека летото 2021 година ќе биде подобро од летото 2020 година. Верувам дека оваа година генерално ќе се разликува од претходната, а вакцините и брзите тестови треба да ги подобрат условите. Во моментов, сè уште сме во состојба на неизвесност. Луѓето резервираат патувања во последен момент, па проценките се многу тешки“, рече Теохарис.
На крајот, тој посочи дека и покрај новиот вид, но и Брегзит, Велика Британија сепак ќе остане голем пазар за Грција и обратно.