Регион 11. март 2021. / 16:14

Се влошува состојбата со ковид во Србија, над 4.300 пациенти во болниците – Утре средба на Кризниот Штаб

Се влошува состојбата со ковид во Србија, над 4.300 пациенти во болниците – Утре средба на Кризниот Штаб

Според последната дневна анализа во Србија се регистрирани 4.590 нови случаи на коронавирус, од 16.929 тестирани, а 21 лице починало. Од ден на ден, овој број се зголемува и покрај масовната вакцинација, во која Србија предничи во Европа, јави дописникот на МИА од Белград.

Во Белград се регистрирани 1.460 нови пациенти, што е повеќе од претходниот ден, а слична е состојбата и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац, Врање и други градови во Србија.

Зголемен е бројот на пациенти и на респиратор, од кои моментално има 212, а во болниците низ Србија има 4.311 пациенти.

Директорката на главната ковид болница во Батајница во Белград, Татјана Аџиќ Вукичевиќ, изјави дека ситуацијата е „критична и напната и дека во институцијата со 1.000 легла речиси и да нема место.“

Аџиќ Вукичевиќ за „Новости“ изјави дека во средата наутро само две места се слободни и дека претходниот ден биле отпуштени 56 пациенти, а примени се 80 нови пациенти.

-Имаме скоро 900 пациенти, ние сме практично полни. Триесет преостанати кревети се наменети за интензивна нега, изјави Аџиќ, додавајќи дека за една недела имало 500 нови приеми и дека меѓу 10 и 20 отсто од пациентите можат да бидат кандидати за интензивна нега.

-Повеќе од две третини од пациентите се во многу сериозна состојба и сите се или на неинвазивна или на инвазивна кислородна поддршка, посочи Аџиќ, додавајќи дека притисокот врз болницата е неподнослив и смета дека „ова не требаше да се случи и да властите требало да реагираат поумно“.

-Итно нешто мора да се преземе, порача Аџиќ.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, изјави дека е слаб одзивот на вакцинацијата во Нови Пазар и Тутин и дека бројот на заразени расте.

-По Сремска Митровица и Крушевац, се прави план за имунизација без пријавување и за другите места во Србија, кажа Ѓерлек, додавајќи дека целта е да се дојде до секој поединец во руралните области.

Седницата на Кризниот штаб, на која ќе се анализира моменталната епидемиолошка состојба најавена е за утре во 11 часот.

Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека, како дел од мерките против ширење на коронавирусот, ќе инсистира да се откажат сите концерти и дека скоро сигурно ќе има нови мерки за викендот.

Кога станува збор за влошување на епидемиолошката состојбата, премиерката кажа дека вакцинацијата помага да не биде полошо, но дека скоро сигурно ќе има нови мерки за викендот.