Во Србија денеска е најлошиот ден од појавата на корона вирусот во земјата, изјави директорот на клиниката за Инфективни болести на Клиничкиот центар во Белград, Горан Сртевановиќ. Тој соопшти дека во изминатите 24 часа во Србија починале седум лица, а позитивни на тестот на корона вирусот биле 115 од тестираните 477 граѓани.
Со тоа во Србија бројот на починати се искачи на 23 луѓе, додека од вирусот заболени се вкупно 900 лица.
Ова е најлош ден за Србија, се плашам дека и во иднина исто вака ќе биде и сето ова е резултат на непочитување на владините мерки да се избегнуваат собирања, дружења, препораките за самозолација и изолација, поради што ни се ближи италијанското сценарио – соопшти Стевановиќ, кој потоа заедно со останатиот владин тим на лекари ја напушти прес конференцијата поради итноста на нивниот ангажман во лечењето на пациентите.
Според Министерстото за здравство, во Србија досега се тестирани вкупно 3.561 лице.
Kорона вирусот е регистриран во над 35 градови во Србија и според објавените податоци од пред два дена, најмногу заболени има во Белград – 352 лица, Ниш има 59, Ваљево има 50 заразени граѓани, Чуприја 49, Крагуевац има 21 лица со потврден коронавирус, Крушевац има 20, Врање 16, Суботица 15, Чачак 12, а Кикинда, Ужице, Зајечар, Панчево и другите градови имаат помалку од 10 потврдени случаи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во недела на „ТВ Прва“ најави дека доколку не се почитуваат владините мерки ќе воведе 24 часовна забрана за движење.
Денеска епидемиологот Предраг Кон, кој е во владиниот тим за борбата против Ковид-19, изјави за „ТВ Н1“ дека предуслов за воведување на 24-часовна забрана на движењето е сериозно влошување на ситуацијата, што значи голем скок на бројот на заразени и починати.