Во својата прва официјална изјава откако стапи на функцијата, новата грчка претседателка Екатерини Сакеларопулу изјави оти е целосно свесна за товарот и одговорноста што ги презема
По средбата со претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, Сакеларопулу изјави дека како претседател ќе даде сѐ од себе за да ја исполни нејзината уставна обврска, ќе соработува и со Владата и со опозициските партии и ќе се стреми кон најголем можен консензус. Таа истакна дека Грција е фактор на стабилност, развој, култура и демократија во поширокиот регион.
– Се обврзувам дека должноста ќе ја извршувам во рамки на Уставот и во соработка со Парламентот, Владата, партиите од опозицијата, стремејќи се кон најголем можен консензус, гаранција за нормално работење на државата. Нашата земја, современа држава на владеењето на правото и долгогодишен член на Европската унија е фактор на стабилност, развој, култура и демократија во поширокиот регион. Неопходен предуслов за задржување и подобрување на оваа позиција е гарантирање на територијалниот интегритет и нејзините суверени права – истакна Сакеларопулу.
Грчката претседателка нагласи дека се надева на општество, кое ги почитува правата онака како што се опишани и во грчкиот Устав и во Европската унија и во Европската конвенција за човекови права.
– Општество што се потпира на својата долга демократска традиција, кое ги лекува раните од минатото, се соочува со предизвиците на сегашноста и со оптимизам ја гледа иднината. За оваа иднина, односно за надежта за оваа иднина, го уверувам Парламентот и сите Гркинки и Грци дека ќе дадам сѐ од себе за да ја исполнам мојата уставна улога – изјави Сакеларопулу.
Во кусото обраќање, Сакеларопулу се осврна и на, како што истакна, тешките околности на глобално ниво и соодветните предизвици на 21. век, споменувајќи ги економската криза, климатските промени, масовното движење на населението, хуманитарната криза, отстапките од владеењето на правото и нееднаквостите. Таа истакна дека справувањето со овие прашања ги надминува границите на државите и потребна е меѓународна соработка.
Говорејќи конкретно за Грција, Сакеларопулу истакна дека приоритетите се постигнување клима на безбедност и доверба, економски развој, запирање на иселувањето на младите во странство и заштита на немоќните.
– Мобилизација и соработка на човечките ресурси, подобрување на образованието и на здравствениот систем, заштитата и истакнувањето на животната и културната средина, искористување на новите технологии и отворање на општеството кон нови идеи и иницијативи се фактори кои ќе помогнат во постигнување на овие цели – изјави новоизбраната претседателка на Грција.
Претседателот на грчкиот Парламент, Константинос Тасулас ја посети Сакеларопулу во нејзината канцеларија во Советот на државата за официјално да ѝ ги соопшти и да ѝ ги врачи резултатите од гласањето на пратениците.