САД побараа од косовските власти веднаш да ги укинат царините на увозот на производи од Србија и БиХ за да се даде шанса за договор меѓу Косово и Србија, пишува Коха диторе.
Во писмен одговор на весникот Коха диторе американската амбасада во Приштина истакна дека од косовското раководство повеќе пати било побарано укинување на овие мерки.
-Ние силно го охрабруваме обновувањето на фокусот на клучните цели на Косово – европската перспектива и нормализацијата на односите со Србија-соопшти американската амбасада во Приштина.
На прашањето на Коха за средбата меѓу косовскиот претседател Хашим Тачи и американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел, близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, од амбасадата не дале никаков коментар.
Се наведува дека Тачи на таа средба кажал дека Косово ќе ги преиспита царините ако се отвори прилика за договор со Србија.
Приштинската влада, пак, тврди дека не добила никаква порака од САД за укинување на наметнатите стоотстотни царини на производите од Србија.
-Не добивме барање од САД-изјави за Газетаекспрес шефот на кабинетот на косовскиот премиер Авни Арифи.