Во изминатите 24 часа во Босна и Херцеговина се потврдени 324 нови случаи на заразени со корона вирус, што е најголем број за еден ден од почетокот на епидемијата.
Според податоците објавени од институциите за јавно здравје, во изминатите 24 часа, во федерацијата БиХ биле тестирани 1.209 лица, а вирусот бил потврден во 190 случаи. Во Република Српска биле спроведени 653 тестирања, а позитивни на корона вирусот биле 134 луѓе.
Најголем број новозаразени лица има во Сараево, каде што вирусот е потврден кај 67 нови пациенти, а две лица кои биле хоспитализирани поради болеста починале. Уште една жена заразена со корона вирус починала во болница во Мостар.
Во Република Српска, најголемо жариште на епидемијата е Бања Лука, каде што има 20 нови случаи, или вкупно повеќе од илјада од појавата на вирусот. Во Република Српска нема нови смртни случаи, но двајца лекари и шест медицински сестри се заразени во болницата во Зворник.