Регион 24. декември 2020. / 22:15

Рама се пофали дека по Косово, Албанија енергетски се поврзува со Македонија

Рама се пофали дека по Косово, Албанија енергетски се поврзува со Македонија

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека по ставањето во функција на далновод Албанија – Косово на 14-ти овој месец, следен предизвик за албанската Влада е изградбата на 400-киловолтниот далновод со Северна Македонија.

Шефот на албанската Влада денеска објави дека се почнати активностите за интерконекциската линијата со Северна Македонија, додавајќи дека Албанија е во процес на проширување на енергетскиот пазар и со Италија и Црна Гора.

– Во моментот сме сконцентрирани во реализација на проектот за интерконекциска линија Албанија-Македонија, а само што ја пуштивме во употреба линијата Албанија – Косово, проект што го сметаше мојот претходник за историско право, но се претвори во приказна исто толку болна, колку што е смешна, а потоа блокирана неколку години со ветото на Србија, кое беше тргнато од балканскиот Шенген, рече Рама.

Според него, овој важен развој меѓу Албанија и Косово и од друга страна „проектот со Македонија се дел од низата големи промени што се случуваат“ и претставува „нова фаза во енергетскиот сектор“.

Тој посочи дека друга важна точка во домашниот енергетски сектор е потпишувањето на договорот со САД за изградба на Хидроелектраната „Скавица“ на реката Дрим, на албанско – македонската граница, кај Дебар. Рама е убеден дека со изградбата на „Скавица“ неговата земја ќе стане извозник на елекрична енергија.