Регион 12. декември 2019. / 12:22

Радев: Бугарија дава пари за „Турски поток“

Радев: Бугарија дава пари за „Турски поток“

Бугарскиот претседател Румен Радев ја искоментира изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија може да најде алтернатива за Бугарија доколку се отежнува изградбата на гасоводот „Турски поток“.

– Не мислам дека треба да поаѓаме од заканите на господинот Путин. Мораме да поаѓаме од сопствените интереси, нашите амбиции – дали Бугарија може да остане на европската карта на транзитот на гас по неуспехот на „Јужен поток“ – изјави Радев за бугарската телевизија БТВ.

Според Радев, владата од своја страна вложува напори, но важно е да се сфати дека таквото одолговлекување има своја цена.

– Мораме да бидеме искрени, луѓето тоа мора да го знаат. Ние, Бугарите, даваме свои пари за рускиот гас да може да дојде до Европа – посочи Радев.

Бугарсиот претседател додаде дека Бугарија треба да направи анализа кога проектот ќе биде исплатлив.

– Слушам мислења дека тоа ќе  се случи за 15 години. Петнаесет години е долг период. За тоа време може да се изградат уште повеќе терминали за природен течен гас и да се обезбеди диверзификација на испораките на гасот – истакна Радев.

Изјавата на Путин, дека Бугарија намерно ја одложува реализацијата на проектот, Радев смета дека треба да ја искоментира Владата.