Грчкиот министерт за надворешни работи Никос Дендијас утрово го повикал амбасадорот на Либија во Атина и му соопштил дека е донесена одлука за негово протерување од земјата. Амбасадорот има рок од 72 часа да ја напушти Грција.
Дендијас изјави дека тоа не значи и прекин на дипломатските односи со Триполи.
Оваа одлука доаѓа по договорот меѓу Турција и Либија за морските зони, за кој Атина смета дека го прекршува меѓународното морско право.
– Координатите од обидот за демаркација на морските зони потврдуваат дека овој договор е грубо кршење на меѓународното морско право и суверените права на Грција и други држави. Покрај формалните недостатоци, овој обид е нелегален и не носи правни резултати. Освен тоа е манифестација на намерно предизвикување тензија на билатерално и регионално ниво. Затоа и недвосмислено се осудува – изјави Дендијас во изјавата пред акредитираните новинари во грчкото МНР.