Косовското министерство за надворешни работи реагираше на веста дека Мадагаскар го повлекол признавањето на Косово, нарекувајќи ги тврдењата „лажни вести“.
-Лажните вести и пропагандата на Србија против Косово нема да успеат. Бараме од Европската служба за надворешни работи и НАТО да одговорат на хибридните закани кои доаѓаат од Белград. Тоа е закана за регионалната безбедност, се наведува во пораката на профилот на косовското министерство на Твитер.
Република Мадагаскар наводно го информирала српското министерство за надворешни работи дека ја повлекува одлуката за признавање на Косово, а ѝ испратила и нота на Приштина во која се прецизира дека признавањето се повлекува до постигнување праведно, правично и трајно политичко решение за прашањето на статусот на Косово, во рамки на преговорите кои се во тек. Мадагаскар е 12-тата земја која досега го повлекла признавањето на независноста на Косово.
–Добивме нота од министерството за надворешни работи на Мадагаскар, во која нѐ информира дека на 5 декември Република Мадагаскар донела одлука за повлекување на признавањето на Косово, изјави денес српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.