Регион 07. февруари 2021. / 17:12

Приштина го поздравува писмото на Бајден: Резултат на непоколебливата позиција на Косово

Приштина го поздравува писмото на Бајден: Резултат на непоколебливата позиција на Косово

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Мељиза Харадинај Стубла, го поздрави писмото што претседателот на САД, Џозеф Бајден, го испрати до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кое тој побара меѓусебно признавање на Косово и Србија .

Мељиза Харадинај Стубла изјави дека ова е достигнување на непоколебливата позиција на Косово да го заврши конечниот дијалог со Србија со безусловно признавање на независноста на Косово, почитувајќи ги непроменливите принципи на унитарниот карактер, територијалниот интегритет и уставниот поредок.

„Како министер за надворешни работи и дијаспора, постојано барав активна и одлучувачка улога а САД во финалниот дијалог со Србија. Само со учество на САД, со нивниот непоколеблив став дека треба да има меѓусебно признавање, може да се постигне конечен договор што ќе придонесе за мир и стабилност во регионот и пошироко“, рече Харадинај Стубла.

Таа додаде дека без активната и одлучувачка улога на САД како главен актер и администрација на претседателот Бајден, ќе биде тешко да се замисли траен договор што гарантира заемно признавање на двете земји.

Според РТК2, претседателот на НИСМА, Фатмир Љимај, исто така, го поздравил писмото на Бајден, во кое се наведува дека сега е време Косово да избере достојни лидери, кои ќе се борат за албанскиот национален интерес во очекуваната дипломатска војна.

„Србија треба да го признае Косово, но не под услов на тишина и негирање на геноцид“, рекол Лимај, пренесува Газета експрес.

Според КоССев, меѓу првите што му се заблагодарил на Бајден бил лидерот на ПДК, Енвер Хоџај, за укажувањето на потребата да се постигне конечен договор заснован на меѓусебно признавање.

„Ова е неверојатно важен развој, бидејќи Западен Балкан може да се движи по патот кон европската интеграција само кога ќе се решат сите спорови“, рекол Хоџај.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти се заблагодари на американскиот претседател Џо Бајден на пораката која ја упати на српскиот претседател Александар Вучиќ, а во која покрај честитките по повод Денот на државноста на Србија побара меѓусебно признавање на Белград и Приштина.

„Само добри вести за Косово и натаму пристигнуваат од Белата куќа“, напиша Хоти во објава на Фејсбук, реагирајќи на честитката од Бајден во која тој ја истакна поддршката на САД за постигнување „сеопфатен договор за нормализација со Косово, фокусиран на меѓусебно признавање“.

Тој оцени дека пораката покажува дека Косово и натаму е приоритет на американската агенда.

„Кога имате силни пријатели. Среќата чука на врата. Ве предупредив! Ви благодарам претседателе Бајден“, напиша Хоти.

Тој додека дека честитката е „сведоштво на посебната поврзаност на двете земји, и за вечното пријателство“, повторувајќи ги зборовите на Ибрахим Ругова дека куќа не опстојува без пријатели.

Од своја страна Вучиќ на честитката на Бајден реагираше дека во ниту еден меѓународен акт не стои дека меѓусебно признавање е целта и посочи дека сфаќа оти тоа е новата американска политика но дека Србија на тоа не се согласува.