Регион 23. јули 2020. / 12:29

Поради корона вирусот: Холандските туристи ги спакуваа куферите и заминуваат од Хрватска

Поради корона вирусот: Холандските туристи ги спакуваа куферите и заминуваат од Хрватска

По објавувањето на одлуката на холандската влада, која поради корона вирусот ја стави Хрватска на портокаловата листа, Холанѓаните од камповите на северот на Истра масовно ги спакуваа своите куфери и си заминаа преку ноќ.

Холандските туристи ќе го продолжат летниот годишен одмор во соседните земји, за по враќањето во Холандија да не би морале да се изолираат, наведува „Јутарњи лист“.

Многу холандски туристи заминаа минатата ноќ, ми велат нашите членови. Се разбира, почна масовното откажување на сместувањето за следните датуми. Тоа е удар за истарскиот и хрватскиот туризам од сите страни, бидејќи Холанѓаните едвај на почетокот на јули почнаа полека да се враќаат, а првото големо пристигнување беше овој викенд – вели директорот на Хрватското здружение за кампувања, Адријано Палман.

Холандија во вторникот ја стави Хрватска на портокаловата листа. Тоа го сторија заради зголемувањето на бројот на заразени лица во Хрватска, па нивната влада препорача туристите да се самоизолираат по враќањето од Хрватска.

Хрватското здружение за туризам веќе апелираше до Министерството за надворешни работи и премиерот да се обидат да воспостават контакт со Холандија со цел да ги преземат сите мерки за да ја стават под контрола состојбата со епидемијата.