Српскиот претседател Александар Вучиќ в сабота ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што наведува „Њујорк тајмс“, Вучиќ ќе се сретне со Трамп за време на неговата посета на Белата куќа, која е планирана по повод американската иницијатива за постигнување договор меѓу Србија и Косово.
Според весникот, претседателот на Србија во таа пригода ќе се сретне и со американскиот претставник за Косово, Ричард Гренел. Претходно оваа недела, весникот, повикувајќи се на американски официјални претставници, напиша дека Александар Вучиќ и Хашим Тачи тајно се договориле зад грбот на ЕУ, а со посредство на Гренел.
Повикувајќи се на четворица поранешни американски официјални лица, кои цитирале лица вклучени во преговорите, „Њујорк тајмс“ пишува дека Вучиќ и Тачи склучиле таен договор за условите на идниот договор, вклучувајќи ја и идејата за промена на границите на Косово.
Вучиќ, по синоќешната средба во Белград со посредникот на ЕУ Мирослав Лајчак, утринава пристигна во дводневна посета на Москва, каде што во текот на денот ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Вучиќ утре ќе присуствува на воената парада, по повод одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.