Во Србија се потврдени уште пет случаи на инфекција на коронавирус, со што вкупниот број на заразени се искачи на 46 лица, објави вечерва министерот за здравство, Златибор Лончар.
Министерот на прес-конференција рече дека денеска во Србија биле тестирани 12 лица, а пет биле позитивни.
На сите оние кои биле во контакт со заразените, наредена им е изолација.
Лончар изјави дека најголемиот број заразени се од Белград, а регистрирани се и случаи во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Панчево, Кикинда, Зрењанин и Чачак.
Од вкупниот број заболени, 23 лица се задржани во болница, а останатите се пуштени на домашно лекување.